Над 30 повредени од невремето во Скопје, три случаи со потешки скршеници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Некои со скршеници, а други со полесни телесни повреди. Повеќе од 30 лица се повредени од паднати дрвја и предмети за време на вчерашното невреме во Скопје и побарале медицинска помош во болничките установи во главниот град.
На Универзитетската клиника „Свети Наум Охридски“ се јавиле 11 лица, од кои девет биле третирани амбулантски, едно лице било оперирано, а еден турист бил хоспитализиран.

„Во нашата установа, од почетокот на самата временска неприлика, се јавиле за прегед вкупно 22 пациенти. Од тие 22 пациенти, двајца се примени на болничко лекување, останатите се третирани поликлинички со полесни повреди. Од оние двајца, еден пациент е веќе опериран во текот на ноќните саати со скршеница во предел на шаката. И има уште еден пациент кој што е странски државјанин, туриста кој што е повреден при пад на дрво, кој што е со шповреди во пределот на карлицата, но не изискуваше оперативен третман, што значи дека е планира за конзервативен односно неоперативен третман.“, рече Небојша Настов, Директор на Клиниката „Св. Наум Охридски“.

Директорот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), Игор Мерџановски, во изјава за МИА рече дека една пациентка со повреда на главата и скршеница на десната потколеница е задржана на понатамошно лекување на Клиниката за неврохирургија.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше за повредените пациенти и за штетите во здравствените установи, за кои рече дека веќе се санираат.

„Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, односно воТОАРИЛУЦ, има згрижено 11 повредени од синоќешното невреме. Тројца се со посериозни скршеници и се третираат соодветно на клиниката. Ги следиме штетите на здравствените установи. Има паднати дрва во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ без повредени. Во Психијатриската болница во Бардовци, исто така без повредени, таму имаше неколкучасовен прекин на струјата, која е обновена.“, рече Клековски.

Пациентите се здобиле со исеченици и нагмечувања, но сите биле во стабилна здравствена состојба. Еден од нив бил повреден од паднато дрво и гранки, друг од лим кој паднал од покрив, а третиот од паднати ќерамиди, информираат раководствата на клиниките.