Над 400 македонски граѓани бараат помош од дипломатско-конзуларните претставништва со барање за информации за нивна евакуација, а околу 30 од нив се подготвени уште веднаш да заминат по воените дејствија на Блискиот Исток. Од МНР велат дека со сите пријавени лица се одржува постојана комуникација и зависно од состојбите се разгледува можноста за евакуација.
„Дипломатско конзуларните претставништва ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа. Министерството е во постојана комуникација со пријателски земји и меѓународни партнери со цел координирано спроведување на постапката. Во однос на Обединетите Арапски Емирати и државата Катар во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување“, велат од МНР.
И покрај сериозноста на воените дејствија, не се очекуваат нарушувања на безбедноста во земјавa, оценува експертската јавност. Професорот Никола Дујовски од Факултетот за безбедност истакнува дека освен цената на нафтата и можни проблеми со мигранти, Македонија не се соочува со некаква закана.
„Безбедносната состојба кај нас е стабилна ние не сме дел од овие проблеми, тоа што ќе се случи е веројатно ќе се следи, цената на нафтата веројатно тоа ќе биде најмногу што ќе не погоди, друго во оваа фаза не. Освен ако не тргне некој голем мигрантски бран понатаму ама сега за сега ништо посебно“, рече Дујовски.
Доцна синоќа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова се одржа и Советот за безбедност во кој беше расправано за безбедносната состојба во земјава. Таа рече дека Македонија не се соочува со некаква опасност но и дека постојано се следи развојот на состојбите со воените дејства во Блискиот Исток.
„Може да се оцени состојбата како стабилна и како безбедна. Значи ние не сме во моментов изложени на нестабилност, ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот. Најважно е дека систем на рано предупредување веќе постои заради координацијата меѓу сите надлежни органи“, изјави Сиљановска-Давкова.
Откако вчера СДСМ даде целосна поддршка на САД и Израел, со свој став излегоа и од ДУИ и ВЛЕН. Оттаму велат дека САД ја докажува својата улога како гарант на стабилноста и глобалната безбедност.
