Над 600 деца жртви на сексуална злоупотреба за шест години, потребен систем што го става детето во центарот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сексуалната злоупотреба на деца останува една од најтешко препознатливите форми на насилство, која најчесто се случува во тишина и без пријавување, поради страв, срам и недоверба кај жртвите. Ова го истакна Васка Бајрамовска-Мустафа од канцеларијата на Народниот правобранител, презентирајќи ја најновата анализа за состојбата во Северна Македонија.

Анализата, изработена во рамки на проектот ЕУ владеење на правото со поддршка на Европската Унија, опфаќа период од 2020 до 2025 година и претставува еден од најсеопфатните прегледи на оваа проблематика досега. Во неа се анализираат правните рамки, институционалниот одговор и клучните предизвици, со посебен осврт на ранливите категории деца.

Според податоците на Министерство за внатрешни работи, во периодот од 2020 до 2024 година се регистрирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца, додека во 2025 година се евидентирани уште 96 жртви. Со тоа, вкупниот број достигнува 604 деца за шест години, што укажува на сериозен и континуиран проблем.

Податоците покажуваат дека најголем дел од жртвите се девојчиња – дури 90 проценти, додека 10 проценти се момчиња.

Бајрамовска-Мустафа посочи дека проблемот не завршува со пријавувањето, бидејќи институционалниот одговор често е некоординиран и недоволно прилагоден на потребите на децата. Таа нагласи дека е неопходен систем кој ќе обезбеди навремена, ефективна и сеопфатна заштита, ставајќи го детето во центарот на постапките.

Меѓу клучните препораки од анализата се доследна примена на законските гаранции за еднократно сослушување на детето, отворање на специјализирани простории прилагодени за деца низ државата, како и континуирана обука за сите професионалци кои работат со деца. Исто така, се препорачува обезбедување долгорочна психосоцијална поддршка за жртвите и нивните семејства.

Особено се потенцира потребата од воведување на Барнахус модел, кој претставува меѓународно признат систем што ги обединува правните, психолошките и здравствените услуги на едно место, со цел да се намали дополнителната траума кај децата во текот на постапката.

Анализата заклучува дека без суштински реформи и подобра координација меѓу институциите, децата жртви ќе продолжат да се соочуваат со недоволна заштита и поддршка.