Директорот на Институтот за Имунобиологија и хумана генетика д-р Александар Петличковски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 порача дека населението треба да биде над 70% имунизирано за да се спречи ширењето на коронавирусот.
„Вирусот може да се шири на индивидуи кои не се имунизирани, имунизацијата може да биде заради прележување на болест или заради вакцинација. Ние една третина сме завршиле од имунизацијата, но исто така е важно колку брзо ќе се затвори просторот за ширење на вирусот. Затоа е важно таа една третина на имунизирано население да се надополни многу брзо со доволен број што ќе претставува тешкотија на вирусот да го продолжи неговото ширење“, посочува д-р Петличковски.
Тој додава дека тој доволен број, според новите сознанија, не е веќе над 70% туку веројатно над 80% од населението.
„Треба да постигнеме вкупна бројка од 80%, сега бројката прецизно не може никој да ја одреди. Пример кај морбилите е неопходно да биде имунизирано 95% од населението затоа што тоа е контагиозна инфекција. За коронавирусот, на почетокот проекциите за колективен имунитет беа околу 60-70%, но со оваа зголемена преносливост и полесно пренесување на британскиот сој прагот на популацијата која треба да биде имунизирана за да го оневозможи ширењето на вирусот е веќе над 70%. Сега зборуваме за вкупно имунизирано население од околу 80%“, порачува Петличковски.
