Над 870 инспекциски контроли кај откупувачите на земјоделски производи, изречени 30 мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот инспекторат за земјоделство од почетокот на годинава до 15 септември извршил 873 вонредни инспекциски надзори кај регистрирани компании кои вршат откуп на земјоделски производи.

При контролите биле утврдени неправилности поради кои се изречени 30 инспекциски мерки, а биле издадени и 17 платни налози.

Директорот на Инспекторатот, Ивица Ангеловски, на заедничка прес-конференција со министерот за земјоделство Борче Серафимовски информираше дека контролите се спроведуваат согласно Законот за земјоделство и рурален развој, врз основа на месечните планови и работните налози на Инспекторатот.

Од 17-те издадени платни налози, три се платени, додека за останатите се водат прекршочни постапки пред Прекршочната комисија во Министерството.

Како најчести неправилности инспекторите ги утврдиле откупот без склучени договори со производителите, неплатени обврски за откупените производи, непочитување на роковите за исплата и необјавување ценовници.

Констатирани биле и случаи на користење неверификувани мерни инструменти, како и откуп од компании кои не биле запишани во Регистарот на откупувачи.

Инспекторатот, како што посочи Ангеловски, учествува и во постапките за извоз на земјоделски производи преку сертификација и издавање фитосанитарни сертификати за извоз и реекспорт.

Од Инспекторатот најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел заштита на правата и интересите на земјоделските производители и санкционирање на сите утврдени неправилности согласно законските прописи.