Во Косово минатото деноноќие продолжи трендот на пораст на случаите на новозаболени од Ковид-19, така што бројката на тестирани лица кои во едно деноноќие резултирале позитивни на коронавирусот, и тоа главно на новата Делта варијанта, достигна рекордни 1.009, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерството за здравство на Косово соопшти дека во минатите 24 часа се регистрирани и две нови жртви на пандемијата, како и 82 лица кои ја совладале болеста. Во истиот извештаен период се извршени 6.784 тестирања со методот РТ-ПЦР.
Според официјалните статитики, од почетокот на пандемијата коронавирусот во земјата досега е откриен кај 112.653 лица, од кои, вклучително вчерашните случаи, умреле 2.276 заболени, а како излекувани се водат 105.963 лица.
Бројот на активни носители на вирусот, од 98, колку што изнесуваше пред помалку од еден месец (на 17 јули), денеска достигна до 4.414.
Досега во земјата се извршени околу 540 илјади вакцинации, од кои речиси 18 илјади вчера, при што втората доза ја примиле 183.240 граѓани.
