Надојдена река усмрти над 100 јагниња и овци во Костурино

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Надојдената вода од реката Тркања вчера попладне однесе околу 120 јагниња и стотина овци од шталата на семејството Колеви во селото Костурино, на локалитетот „Шепово“.

Според сопствениците, сè се случило за помалку од десет минути, кога водата нагло надојдела и со силен тек повлекувала сè пред себе.

Водостојот, како што велат, достигнал над два метра, поради што немало можност навреме да се отвори шталата и да се спасат животните.

Случајот денеска е пријавен во Општина Струмица, а загинувањето на јагнињата и овците е евидентирано и кај надлежните служби, кои во наредниот период треба да излезат на терен и да ја утврдат висината на причинетата штета.