Собраниските служби кои ја мониторираат работата на тајните служби се политизирани, пратениците често ги штитат партиските интереси, а не на тоа што треба, вели извештајот на Центарот за Европска стратегија. Проблем, според Еуротинк претставува фактот што актуелно Агенцијата за национална безбедност, Техничко-оперативната агенција ги мониторираат три различни собраниски комисии, со многу членови и несоодветни професионални профили.
Пратениците кои се во составот на овие комисии велат дека треба да видат како функционира сега овој начин на надзор на службите, а доколку има потреба за измена, тие се подготвени за такво нешто.
Комисиите за надзор на службите се кон крајот на комплетирање на тимовите и експертите и наскоро ќе ги посетат овие три агенции за да видат дали се спроведуваат и почитуваат реформите за следење на комуникациите. Реформите во оваа област следат по масовните прислушувања кои се случија во периодот 2008-2015, кога нелегално беа прислушувани 4.286 телефонски броеви за кои немало налог од судот, а 1.541 други броеви биле прислушувани и по завршување на рокот на судските налози. Биле прислушувани над 20 илјади граѓани.
