Нафтената дамка кај Оман се прошири на 150 квадратни километри, загрозен заштитен морски резерват

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нафтената дамка предизвикана од истекување од танкер кој веќе неколку недели е насукан во близина на брегот на Оман драматично се проширила, покажуваат сателитските снимки анализирани од еколошки експерти.

Според организацијата „Гринпис Германија“, најновите снимки укажуваат дека загадувањето сега зафаќа околу 150 квадратни километри, што е значително повеќе во споредба со претходната проценка од околу 20 квадратни километри пред само една недела.

Нафтената дамка се шири од танкерот „Caroline Bezengi“, долг 274 метри, кој е под санкции на Велика Британија поради транспорт на руска сурова нафта. Засега не е познато што го предизвикало наглото зголемување на истекувањето.

Експертите предупредуваат дека загадувањето веќе ги зафатило делови од островот Киблија, во гувернатот Дофар, како и поширокото подрачје на Арапското Море, кое е прогласено за заштитен морски резерват. Во оваа област живеат загрозени видови птици и реткиот арапски грбав кит.

Според експертот за животна средина Вим Звајненбург од холандската организација PAX, тенкиот нафтен слој се протега на околу 90 километри, речиси двојно повеќе отколку пред една недела, додека на јужниот и западниот брег на островот веќе се забележани густи црни наслаги од сурова нафта.

Се проценува дека танкерот превезувал повеќе од 800.000 барели сурова нафта.

Бродот е насукан од јуни годинава. Според специјализирани поморски медиуми, екипажот тогаш пријавил експлозија на бродот, но оваа информација сè уште не е официјално потврдена.

Танкерот, кој плови под знамето на Камерун, освен од Велика Британија, е санкциониран и од Европската Унија, Канада и Швајцарија поради наводна поврзаност со транспорт на руска нафта.

Еколошките организации предупредуваат дека ширењето на нафтената дамка претставува сериозна закана за морскиот екосистем и е уште еден пример за ризиците што ги носи т.н. „сенковна флота“ што се користи за транспорт на руска нафта.

Во меѓувреме, властите на Оман претходно им наложија на сопствениците на танкерот да го отстранат бродот и неговиот товар до 23 јули, но засега нема информации дали тоа барање е исполнето.