Австралиската авиокомпанија „Квантас“ следната година ќе лансира два од најдолгите директни комерцијални летови во светот: од Сиднеј до Лондон и од Сиднеј до Њујорк. Летовите ќе поминат растојание од 17.010 километри, или 16.250 километри за приближно 22 часа.
Бидејќи нема да има запирања помеѓу Сиднеј и овие две дестинации, вообичаеното време на летот ќе се скрати за околу четири часа.
Ваквите долги директни летови се можни благодарение на модификациите на авионот „Ербас А350-1000ULR“ што „Квантас“ ќе го користи за транспорт на овие рути, кои треба да бидат испорачани до крајот на оваа година. Авионите се опремени со мотори „Ролс-Ројс Трент“ и дополнителен резервоар за гориво што им овозможува да летаат на подолги растојанија, пишува „Панкуфер“.
Велнес зона и простор за патниците да се истегнат
Патниците на директните рути на „Квантас“ Сиднеј-Лондон и Сиднеј-Њујорк ќе го видат изгрејсонцето двапати, поради што го добија прекарот „Проект изгрејсонце“. Патниците ќе го видат првото изгрејсонце некаде над Азија или Блискиот Исток, а второто поблиску до Европа или Северна Америка.
Авионот ќе смести 238 патници распоредени во 6 луксузни кабини од прва класа, 52 бизнис кабини, 40 премиум седишта во економска класа и 140 седишта во економска класа. Сите места ќе имаат брз Wi-Fi без дополнителни трошоци.
На овие долги директни летови, Квантас ќе воведе и посебни зони за велнес со здрави пијалоци и лесни оброци, како и специјално дизајнирано осветлување кое ќе биде прилагодено на циркадијалниот ритам на патниците. Ќе има и место за истегнување и лесни вежби за да им се олесни на патниците да го издржат долгиот лет.
Промена на начинот на патување
Првите ултра долги комерцијални летови се планирани за почетокот на 2027 година. Упатените тврдат дека овие линии ќе го променат начинот на кој патуваме со авион и дека екстремно долгите летови без престан ќе станат вообичаена практика.
