Најмалку 22 индиски војници убиени во заседа на маоистичките бунтовници

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Најмалку 22 припадници на индиските безбедносни сили се убиени во вооружена пресметка со маоистичките бунтовници, во шумите на централната индиска држава Чатисгар, соопшти денеска полицијата, пренесе ДПА.

-Вооружената пресметка вчера траеше повеќе од три часа, откако повеќе тимови на паравоените сили и полициски командоси почнаа операција за чистење на бунтовниците во шумите на јужниот дел на Бастар, за кои се знае дека се упориште на маоистите, рече заменик министерот на Чатисгар, Тамрадвај Саху.

Една од патролите паднала во заседа од група бунтовници во близина на селото Јонагуда, во областа Сукма, што довело до жестока размена на оган.

-Телата на петмина војници се пронајдени во саботата, а со тешки повреди се спасени дванаесет други, изјави заменик-генералниот инспектор на полицијата во Хатисгар, Оп Пал.

До денеска на пладне, додава ДПА, пронајдени се телата на уште 17 војници. Активностите за пребарување продолжуваат по неодреден број  исчезнати лица.

Телата на двајца бунтовници, од кои една жена, исто така, се откриени на местото на пресметката.

Повредените се испратени на лекување во Окружната болница во Бијапур, додека некои со хеликоптер се пренесени до главниот град на државата Раипур.

Левичарските герилци во Индија, кои ја отфрлаат парламентарната демократија, велат дека нивниот вооружен бунт има за цел да обезбеди права за сиромашните и маргинализираните. Тие дејствуваат во шумски појаси во неколку држави низ Индија.

Чатисгар е една од најтешко погодените држави од маоистичкиот бунт, во која во последните две децении загинаа над 3.300 цивили, милитанти и безбедносен персонал, наведува порталот специјализиран за борба со тероризмот во Јужна Азија, пенесува ДПА.