Најмалку 27 лица загинаа во текот на ноќта во пожар што избувна во бар во Бангкок, Тајланд, додека 60 лица се хоспитализирани, од кои осум се здобиле со тешки повреди.
Причината за пожарот засега не е позната и е предмет на истрага, изјави тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул, додавајќи дека е започната официјална истрага, пренесува АП.
Според „Скај њуз“, пожарот избувнал во популарниот бар „Ронг Бир На Лат Фрао“, кој се наоѓа во познатата населба Чатучак во Бангкок.
Противпожарните екипи биле повикани на местото нешто по полноќ, јавува Би-Би-Си.
Очевидци велат дека огнот започнал во близина на бината во барот и за кратко време се проширил низ објектот. Снимки објавени на социјалната мрежа Икс покажуваат како пламените јазици го зафаќаат барот, додека посетителите во паника истрчуваат, врескаат и паѓаат едни врз други во обид да се спасат.
Премиерот изјави дека разговарал со музичар кој настапувал во моментот кога избувнал пожарот. Според неговото сведочење, огнот најпрво избувнал кај прекинувачот за електричните кабли, по што многу брзо се проширил, проследен со експлозија и густ чад.
„Многу луѓе не успеале да стигнат до излезот од барот и се обиделе да се засолнат од чадот и огнот во тоалетот, каде што беа пронајдени најголем дел од телата“, изјавил премиерот.
Првичните резултати од истрагата покажуваат дека најголемиот број од жртвите починале како последица на вдишување чад, изјави Суријачи Равиван, директор на Службата за управување со катастрофи во Бангкок.
Би-Би-Си потсетува дека ова не е прв ваков трагичен инцидент во Тајланд. И покрај претходните ветувања на властите за подобрување на противпожарните стандарди по слични несреќи, тие и натаму често не се применуваат соодветно.
