Најмалку 38 загинати во израелските напади врз Либан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 38 лица загинаа во израелските напади во Либан, вклучително и 23 во напад на град северно од Бејрут, соопшти тамошното Министерство за здравство.

Израел, кој е во отворена војна против Хезболах од 23 септември, во последните денови ги засили своите напади врз упориштата на либанското исламистичко движење, особено во јужните предградија на Бејрут и во јужниот и источниот дел на Либан.

Во нападот „на израелскиот непријател на Алмати, во областа Џбеил, загинаа 23 лица, од кои седум деца, а шест се повредени“, соопшти Министерството, додавајќи дека се стравува дека бројот на жртвите ќе биде поголем.

Целта била куќа во која член на Хезболах дошол да ги посети раселените луѓе, изјавил за АФП извор од безбедносните сили, прецизирајќи дека членот на Хезболах е убиен.

Израелската армија постојано гаѓаше станбени згради каде, според либанските медиуми, понекогаш меѓу раселените има и луѓе поврзани со Хезболах.

Во друг напад на истокот на Либан, денеска во израелски напади загинаа 12 лица, соопшти либанското министерство.

Како поддршка на палестинскиот Хамас во Појасот Газа, Хезболах отвори фронт против Израел на 8 октомври 2023 година, секојдневно пукајќи кон израелската територија од јужен Либан. На 23 септември оваа година тие непријателства се претворија во отворена војна со интензивни израелски напади, главно против упоришта на либанското движење.

Повеќе од 2.700 луѓе се убиени во Либан од 23 септември, од кои повеќето цивили, соопшти либанското Министерство за здравство.