Најмалку бебиња во Источна Македонија, најмногу во Скопје – урбанизацијата и миграцијата ја менуваат демографската структура

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопје и понатаму има најголем удел во бројот на раѓања во Македонија, со 41,6% од сите новородени во државата. Спротивно на тоа, Источниот Регион, според податоците на Државниот завод за статистика, има најнизок процент на раѓања – само 6,1%. Според социологот Љуљзим Муртезани, причината е стремежот на голем број граѓани да живеат во Скопје, каде што има повеќе можности за развој, додека другите градови остануваат со низок наталитет.

„Во главниот град имаме тенденција наталитетот да биде стабилен и во пораст. Во Скопје се доселуваат луѓе од многу градови и рурални средини затоа што таму има повеќе можности за образование, вработување и, со тоа, поголем раст на населението“, изјави Љуљзим Муртезани, социолог.

Муртезани додава дека една од главните причини за намалувањето на бројот на раѓања е слабата економска состојба, бидејќи трошоците за одгледување и образование на децата се сè повисоки во услови на економска криза. Покрај тоа, како важен фактор ја посочува и миграцијата.

„Друг фактор е и промената на улогата на жената во општеството. Современата жена инсистира на својата независност, на кариера и вклучување на пазарот на трудот. Тоа доведува до одложување на бракот, а истовремено и до дилеми околу тоа колку деца ќе има едно семејство“, изјави Љуљзим Муртезани, социолог.

Скопскиот Регион има и најголем удел во вкупниот број на починати – 30,4%, додека Североисточниот Регион има најмал удел, со 8,0%.Во урбаните средини е регистриран најголем удел и на склучени бракови – 55,0%, како и на разводи – 65,8%. Што се однесува до меѓуселските миграции, најголем удел има Полошкиот Регион со 50,9%, додека меѓуградските миграции учествуваат со 2,7%.