Во подводен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што утрово ја погопди Индонезија, се урнаа згради во северните делови на земјата, најмалку едно лице загина, а беше предизвикано и мало цунами.
Силни потреси што траеле од 10 до 20 секунди биле почувствувани во Битунг во покраината Северен Сулавеси, како и во градот Тернате во соседната покраина Северен Малуку, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи.
Овие провинции се граничат со Молучкото Море, каде што беше епицентарот на земјотресот.
Според првичните податоци, направена е претежно мала штета, но во делови од Тернате се срушени една црква и две куќи. Штетата сè уште се проценува во Битунг, соопшти Агенцијата.
Индонезиската агенција за пребарување и спасување соопшти дека 70-годишна жена загинала при уривање на зграда во градот Мандао, Северен Сулавеси, а друг жител на зградата е повреден. Најмалку тројца повредени се префрлени во болница во Тернате.
Првиот земјотрес беше проследен со десетици последователни потреси, вклучувајќи еден со магнитуда од 6,2 степени. Властите сè уште собираат информации за штетите и можните жртви од повеќе области, особено во оддалечените села додека работат на проценка на обемот на катастрофата.
Цунами бранови до 75 сантиметри над нормалните плими беа регистрирани на неколку станици за мониторинг околу брегот на Молучкото Море.
