Најстрога кривична одговорност за лицето кое фрли две мали кучиња во река

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара најстрога, кривична одговорност за лицето кое, од чиста забава, пред малолетни деца, безмилосно фрли две мали кучиња во река, прикажувајќи го целиот акт како забава, во живо на социјалните мрежи. Оттаму сметаат дека ова е сликовит пример на психолошка девијација и насилство врз животните.

– Две мали кутриња претходно доаѓаат да се галат и мавтаат со опашката, а потоа, со умисла на возрасно лице, завршуваат во река, фрлени со сета сила, додека мали деца се радуваат, сметајќи ја случката за забавна и барајќи и тие да учествуваат и да го сторат истото, наведуваат од „Анима мунди“.

Оттаму велат дека станува збор за лицето Б.В., кое е со веќе пријавен идентитет во полиција и, според нив, е од Неготинско, а живее во Данска. Притоа, бараат да биде пример што не смее никогаш да се повтори и да помине неказнето.

– Негова голема среќа е што го направил делото овде, а не во Данска, каде што не би излегол со години од затвор и би добил трајна забрана за чување животно. Повторно потенцираме, насилството врз животните води кон општествена аномалија и неопходно е да се превенира, евидентира како такво, најстрого да се казни, велат од „Анима мунди“.

Оттаму јавно се обратија до МВР и до министерот Панче Тошковски со барање за итни измени на Кривичниот закон и за засилување на казните, како и за внесување дополнителни прецизни одредби.

Да потсетиме на 28ми месецов од Анимал Лаверс – Струмица испратија видео каде се гледа грубо и нехумано, со цел изживување и нанесување на непотребна болка, доведувајќи ги до степен на агонија две мали кученца се фрлат во река од наш сограѓанин, притоа снимајќи го чинот и го објавува на социјалните мрежи за гледаност.