Најстудено утрово е на Попова Шапка и во Демир Капија каде се измерени -3 степени, додека -2 степени се регистрирани во Берово. Нула степени има во Маврови Анови и Лазарополе, 2 степени во Крушево, Крива Паланка и Струмица, а 3 степени во Штип, Пожаране, Ѓуриште, Прилеп, Тетово, Велес, Битола и Претор. Во Скопје – Зајчев Рид, Виница, Охрид и Кавадарци утринската температура изнесува 4 степени, додека најтопло е во Гевгелија со 6 степени.
Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се измерени во Крушево и на Попова Шапка – 6 литри на метар квадратен. Пет литри се регистрирани во Тетово, Пожаране и Маврови Анови, четири во Охрид, три во Лазарополе и Прилеп, а еден литар на Зајчев Рид во Скопје.
Снежната покривка изутрина во 7 часот на Попова Шапка изнесува 55 сантиметри.
Според прогнозата, времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд кои најпрво ќе започнат во јужните делови од земјата, а потоа ќе се прошират насекаде. Поради продор на постуден воздух, врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, особено на повисоките места. Во одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од 5 до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, а максималната температура ќе достигне до 11 степени.
