Скопје-Петровец денеска беше најтоплото место во земјава со измерени 19 степени, покажуваат податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.
Високи дневни температури се измерени и во Охрид со 18 степени, додека во Скопје-Зајчев Рид, Штип и Велес беа измерени 17 степени. Температура од 16 степени е регистрирана во Претор, Битола, Демир Капија, Кавадарци и Струмица, а 15 степени во Тетово и Виница.
Пониски температури имаше во Прилеп со 14 степени, Гевгелија со 13, Крива Паланка со 12 и Берово со 11 степени. Најстудено било на Попова Шапка со само 5 степени, каде е измерена и снежна покривка од 33 сантиметри, како и малa количина врнежи.
Претпладне времето беше облачно со повремен слаб локален дожд, додека попладне облачноста постепено се намали. Дуваше слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
До крајот на денот се очекува ведро време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Утре времето ќе биде сончево и потопло, со минимални температури од 2 до 8 степени и максимални од 14 до 21 степен. Во Скопје се очекува температура до 21 степен.
Во наредните денови ќе преовладува стабилно време, а од вторник се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни, како и можност за грмежи во четврток. Ветерот од југоисточен правец ќе се засили, особено долж Повардарието.
