Бројот на хоспитализирани пациенти од корона вирусот е намален, смета директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ. Според неа, на Клиниката во моментов се хоспитализирани 122 пациента, од кои стотина се со тешка клиничка слика. Околу 12 се на неинвазивна вентилација, а најголем дел од нив се на поддршка со висока концентрација на кислород.
„Ова е најниска бројка, многу одамна не сме имале ваква бројка на хоспитализирани пациенти. Се надевам дека овој тренд и ќе продолжи.“, вели Милена Стевановиќ, директорка на Инфективна.
Доктор Дејан Доќич информира дека во ковид – центрите на инфективните клиники вчеравечер имало само три приеми и немало починати.
„Вкупно, има 104 празни кревети од вкупен капацитет од 220 кревети. Што значи 116 хоспитализирани, ниеден од нив нема потреба од неинвазивна вентилација или респиратор.“, рече Докич.
Во однос на вакцините од Фајзер кои треба да пристигнат, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека од компанијата замолиле се уште да не се објавуваат детали.
„Од компанијата не замолија се уште да не се објавуваат дозите, иако точно знаеме колку дози треба да стигнат во февруари, колку во март и колку во април. Изминатата недела имавме во континуитет телефонски разговори, разменуваме маил со компанијата „Фајзер“ и мислам дека тоа е една политика која успеаја да ја имплементираат заради зголемување на дел од нивното производство“, изјави Филипче.
Филипче изрази уверување дека следува период на успешна имунизација во земјава.
