Наместо македонска, бугарска делегација: Битола го слави 4-ти ноември – Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарите од Македонија ќе ја тужат државата, поради измените во Законот за здруженија кои ги направи Собранието, а со кои се наметнува рок од три месеци, бугарските културни центри да мора да ги сменат имињата на Цар Борис III и Вачно Михајлов.

Во пишаната реакција објавена вчера на веб-страницата на бугарското МНР се вели оти цел на овие измени е „дискриминациско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за што повод е едностраната интерпретација на историските факти“.

„Легитимниот стремеж за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да биде инструментализиран за намерно ограничување на правата на конкретни заедници. Ограничувањата од ваков карактер веќе им беа наметнати на Бугарите во Северна Македонија во минатото. Со слични аргументи во 2001 година беше забранета организацијата „Радко“, кое е псевдоним на Иван Михајлов“, велат од МНР на Бугарија.

На денот на ослободувањето пак на Битола, 4-ти ноември во градот на конзулите наместо државниот врв на Македонија, доаѓа бугарската потпретседателка Илијана Јотова.

„Јас не би сакал да верувам дека тоа е провокација. Македонија е слободна земја, ние сме гостољубив народ ние сме добар народ, домаќини и домаќинки, секој кој што е дојден со чесна и добра намера ќе биде добредојден. Ние може само да му подадеме рака и да го направиме престојот овде што поубав“, вели Христијан Мицкоски.

Од СВР Битола објаснуваат дека посетата на Јотова не е поврзана со 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола ниту со утрешното обележување на јубилејот на РЕК „Битола“.

„Потпретседателката Јотова пристигунува попладнево и ќе оди во посета на ресенско, а утре ќе биде во село Цапари и има предвидено активности во бугарскиот конзулат во Битола“, велат од СВР Битола.

Во меѓувреме Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борци од Битола за порталот СДК.мк изјави дека кога веќе Јотова доаѓа во Битола и ако се искачи до Евла тогаш „нека се искачи до соседното село Болно, ресенско, да каже каде се гробовите на народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов, на кои до денес не им се знаат почивалиштата“.

Во Собранието во вторникот едногласно беа донесени измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и на Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња.