Неполна недела останува до дополнителниот грејс период од ЕУ за изгласување на Изборниот законик и со тоа исполнување на 10-те реформи, но се чини нема никакви изгледи за надминување на несогласувањата околу законските измени. Од власта деновиве беше даден предлог опозицијата да се договори за измените на Изборниот законик вклучително и гласањето на дијаспората, а тие ќе прифатат се`, но како што вели и премиерот Христијан Мицкоски, досега нема никаков предлог доставен од нив.
„Седнете договорете се во опозицијата, што сакате, како сакате, дајте предлог во кој ќе е вклучено гласањето на дијаспората и ние бланко го поддржуваме. Се што сакате ние бланко ќе ви поддржиме. Само дајте да го завршиме ова до 15 јули за да може 10-те чекори да ни бидат успешно завршени, за да може да идеме во следна фаза. Еве чекаме уште, неколку дена поминаа се уште немаме усогласен став на опозицијата“, изјави Христијан Мицкоски.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче обвинува дека власта подготвува изборен грабеж и даде свој предлог.
„Нашиот предлог беше да го тргнат тоа да го изгласаме законот без таа промена а работна група до 28-ма година да го точно, соодветно на нашите карактеристики, а нашите можна на нашиот систем утврди моделот за ова гласање. Ете го одбија. Не можеме да заклучиме ништо друго освен дека се отвора врата за изборен грабеж. Не постои друго логично објаснување на тоа да се инсистира на модел во кој ништо не е утврдено во однос на безбедноста“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од Левица кои иако бараа измени во финансирањето на партиите, сега велат дека повеќе е потребно да има една изборна единица.
„Црвената линија на ДПМНЕ не е една изборна единица, еднаквата вредност на секој глас или укинувањето на изборните неправди, туку гласањето на дијаспората. Наместо да ги бранат принципите што ќе создадат поправеден изборен модел, тие избраа да ја претворат дијаспората во политички штит зад кој ќе ја сокријат суштинската реформа“, изјавуваат од Левица.
Изборниот законик е дел од реформската агенда кој требаше да се исполни до крајот на јуни, но од Европската унија дадоа дополнителни две недели за партиите да се усогласат и да го изгласаат во Собранието.
