Во неможност да ги решат проблемите кои се однесуваат на судството, државните осигурувања и извршителите, многу граѓани се обратија до канцеларијата на народниот правобранител барајќи помош. Од јануари до август оваа година, на ниво на државата, канцеларијата на народниот правобранител примила 1760 претставки.
„Најмногу се жалат граѓаните за социјална заштита и осигурување, пензиско и инвалидско осигурување, работни односи, правосудство, судство и извршители, потоа обвинителството, имотно правните односи, урбанизам и изградба, домување, животна средина, финансии, особено Министерството за економија и УЈП како и Министерството за финансии, права на потрошувачите, полициски овластувања, граѓански состојби и адвокатите како пријатели на судот“, додава Илбер Руфати.
И минатата година беше висок бројот на жалби за пензиско и инвалидско осигурување. Заменик народниот правобранител Илбер Руфати вели дека ова е последица од јавните претпријатија кои се во стечај.
„За јавните претпријатија кои се во постапка за стечај или се веќе во стечај, меѓутоа не го исплатиле пензискиот и здравствен долг кон вработените, на детален начин ние пред еден месец направивме и предлог за измена на законот и се надевам дека владата на следниот состанок ќе го разгледа“, вели Илбер Руфати.
Од 1760 доставени претставки во периодот јануари-август 2021, канцеларијата на народниот правобранител постапила за 1097 жалби. 1417 жалби се однесуваат на непостапување на државните органи, единиците за локална самоуправа и организации со јавен авторитет.
