Наскоро брзи тестови за ковид-19 – Филипче: Јануари ќе биде критичен месец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во воспоставување на нова стратегија за широко тестирање и тестови кои ќе бидат готови за 15 минути, Министерството за здравство планира да ја надградува стратегијата за тестирање.

„Последните неколку месеци на пазарот се подостапни брзи тестови за детектирање на вирусот (не на антителата). Меѓутоа се брзи и за 10-15 минути го детектират тоа без потребна лабораторија, без лабораториски апарат. Значи брис и една мала плочка. За кратко време ќе почнеме со набавка. Тие тестови пред се ќе бидат дистрибуирани во болниците, и во соработка со Центрите за јавно здравје, веројатно на граничните премини“, посочи Венко Филипче.

Ова ќе овозможи брз тест на пациентите кои доаѓаат на клиниките како итни, по што ќе се знае по кој протокол да се постапи. Освен во болниците, брзи тестови ќе има и на граничните премини.

Премиерот Зоран Заев наведе дека Владата и надлежните институции се целосно посветени на мерките за лична заштита преку кои ќе се спречи ширењето на КОВИД-19, а со тоа и потребата од карантин и други порестриктивни мерки.

„Сите се свесни, граѓаните знаат дека се во иднина ќе зависи од тоа колкав ќе биде бројот на заразени, бројот на смртни случаи, колку ќе трае оваа пандемија зависи од нашата лична одговорност. Колку повеќе носиме макса, правиме дезинфекција, држиме дистанца, не мора секој пат да правиме средба, можеме и по телефон дел од работите да ги завршиме“, додаде Зоран Заев.

Анализирајќи ги пак бројките од последната недела, дојдовме до заклучок дека бројот на позитивни од вкупно направени тестови е повторно во пораст. Министерот Филипче вели дека месец јануари ќе биде најкритичен.

„Ние сметаме дека најризичниот период ќе биде некаде во месец јануари. И така го димензионираме и планираме капацитетот во болниците, системот на ротација, како и вакцинирањето и така ќе биде препораката евентуално за маските, за пратиме ситуацијата и ќе донесеме одлука“, посочи Венко Филипче.

Светската здравствена организација вчера најави дека планираат да пуштат во употреба 120 милиони брзи тестови, од две различни компании, во земјите со мали или средни економии по цени пониски од пет долари.

Македонија инаку е прва од државите на Балканот на црната листа по жртви од Ковид-19.

Би-Би-Си во својата анализа за позитивните и смртни случаи од коронавирусот во светот, објавува детален приказ. Според истиот, Македонија има највисока стапка на смртност на 100.000 жители како последица од вирусот.

Македонија бележи 34.7 смртни случаи на 100.000 жители, Косово 26.4, Црна Гора 25.2, Босна и Херцеговина 24.7, Романија 24, Албанија 13, Бугарија 11.2, Србија 10.7, Словенија 7.0, Хрватска 6.5, Грција 3.6.