Наскоро екстрадиција на Палевски – до неговото испорачување ќе лежи во притвор во затворот во Турција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавното обвинителство и Министерството за правда го подготвуваат барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски да го испратат до надлежните власти во Турција. Со тоа деновиве се очекува Палевски осомничен за убиството на малата Вања и велешанецот Жежовски да биде испорачан во земјава. Од Јавното обвинителство велат дека тие го изготвиле барањето за екстрадиција.

„Основното јавно обвинителство го изготви барањето за екстрадиција од Република Турција на лице осомничено за две кривични дела како и две убиства на свиреп начин. Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд му е одреден бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница“, велат од ЈО.

Министерот за правда пак, Кренар Лога за ТВ21 изјави дека од изутрината веднаш ја започнале постапката за екстрадиција на Палевски. Тоа веќе попладнето беше завршено.

„Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја“, порачаа од Министерството за правда.

Министерството за правда барањето за екстрадиција треба да го испрати до турските колеги, а потоа ќе треба да се договори неговото преземање кое треба да го изврши Министерството за внатрешни работи. Апсењето на Палевски доцна синоќа го соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој рече дека најпрво тој заедно со својот адвокат заминал во Белград, а потоа Стефан Димковски, член на партијата на Палевски со своето возило преку Бугарија го однел во Турција. Таму се обидел да го затскрие трагот но бил уапсен.

„Ова се фотографиите кои што ни беа пратени од таму.

Земал такси и практично знаевме од изворот дека земал такси да оди во Истанбул, излегол од Баликесир, тргнал кон Истанбул и за кратко време се вратил пак назад, тоа е таа симулација која што веројатно мислел дека на тој начин нема да биде откриен“, вели Оливер Спасовски.

Спасовски очекува брзо да се заврши процесот со екстрадицијата на Палевски.

„Кога ќе се заврши постапката за екстрадиција јас очекувам тоа да се направи максимално брзо. Ние сме подготвени во секој момент тоа да го реализираме“, вели Спасовски.

Инаку продолжен е притворот на четворицата соучесници во убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски за 30 дена. Доцна синоќа, заедно со татко и на Вања, Александар беа спроведени во Кривичен суд со силно полициско обезбедување, со избричени глави и облечени во затворски комбинезони. Дополнително притворен е и возачот Димковски кој го пренесол до Турција.