Се приближува расплетот на истрагата за масовните стомачни тегоби кај жителите на Гостивар, а надлежните институции наскоро треба да ги соопштат причините за случајот и евентуалната одговорност, најави премиерот Христијан Мицкоски.
При денешната посета на Општина Дебарца, Мицкоски информираше дека сите надлежни институции се активно вклучени во расчистувањето на случајот, при што се вршат анализи на земените мостри, вклучително и од водата, а постапка води и Јавното обвинителство.
„Многу скоро ќе излеземе со информација за тоа што се случило, кој ја дал наредбата тоа да се случи и, се разбира, ќе има одговорност“, изјави премиерот.
Тој оцени дека доколку се потврдат неправилности, станува збор за сериозен пропуст и неодговорно однесување кое не смее да остане без последици.
„Не можам да разберам како некој може толку дрско и несовесно да се однесува. За мене ова е шокантно и неверојатно. Но, овој случај нема така да заврши – ќе има одговорност, а таа ќе се утврдува и низ судска постапка“, порача Мицкоски.
Премиерот не откри детали од текот на истрагата, но нагласи дека по завршувањето на анализите јавноста ќе биде информирана за сите утврдени факти.
Во Гостивар изминатите денови повеќе од 1.000 граѓани побараа медицинска помош поради симптоми како дијареја, повраќање, температура и дехидратација, а институциите сè уште работат на утврдување на причината за појавата.
