Наскоро средба Филипче – Мицкоски, премиерот вели: Подготвен сум и на полноќ да се сретнам со Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подготвен сум да одам кај премиерот Христијан Мицкоски и да му ја објаснам потребата од лидерска средба, изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче кој рече дека во текот на денов или утре ќе побара да се закаже средба. Тој истакна дека на таа средба ќе бара да се разговара за состојбите во образованието, здравството, правосудството, чиста животна средина и отстранување на партизацијата и политизацијата од сите институции.

-Ги видов реакциите, го видов одговорот и на премиерот и би му го образложил овој план и нешто подетално на средба во следните денови. Се надевам дека сега кога политичките партии ќе го слушнат навистина ќе ја прифатат таа лидерска средба, но добро е прво да го поразговараме тоа со премиерот имајќи предвид дека тој прв подаде рака и на прва одговори дека средбата е прифатлива, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Иако вели дека дава целосна поддршка на институциите, Филипче смета дека процесот на истрагата се води селективно. Доколку тоа продолжи рече тој, тие ќе се приклучат на иницијативата на Европскиот фронт за формирање Анкетна комисија

-Даваме поддршка на институциите, нека се води истрагата, сметам дека во оваа фаза кога истрагата се уште не е завршена ние се уште укажуваме на одредени работи за кои што сметаме дека е водење на селективна правда, дека таа низа на настани и верига како ја нарекуваат не може да се запре со актуелните функционери, но да видиме на каде ќе води процесот, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Премиерот Мицкоски повтори дека е подготвен во секое време да разговара со Филипче.

-Сериозни работи се во прашање и тоа најмалку е што треба да се прави естрада на јавна сцена. Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време, ќе го прераспределам мојот распоред, на полноќ – на полноќ, после полноќ кога ќе каже тогаш, да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од ДУИ и натаму инсистираат на формирање Анкетна комисија во Собранието со меѓународно набљудување. Од 16-те пратеници на Европскиот фронт во кој влегува и ДУИ поднесена е иницијатива за Анкетна комисија која треба да истражи дали има селективен пристап во истрагата за Кочани, но според процедурите, зад овој предлог потребно е да застанат 20 пратеници.