НБРМ со нова монетарна мерка – Славески: За да се намалат каматите, не треба административно да растат платите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Народната банка останува на проценката дека 2025 година инфлацијата ќе биде 3,9 отсто на годишно ниво. Велат дека растот на цените забави, но за да дојде до релаксирање на монетарната политика, а со тоа и намалување на каматите на кредитите, не смее да се дозволи административно зголемување на платите во државава, пред се на минималната плата. Гувернерот Трајко Славески вели дека мора да се почитува Законот, кој е јасен како се врши усогласување на платите. 

„Секако, дека кога зборувам за доходите, не мислам само на платите, тука влегуваат и пензиите, но тоа е сосема друго прашање. Затоа што, мислам притисоците во изминатите 7 – 8 години се многу поизразени во првата област, во област на платите, одошто во втората област.“, порача Трајко Славески.

Инаку, вчера Извршниот одбор на Народната банка воведе нов механизам, а тоа е седумдневни благајнички записи. Целата е сигналите што се праќаат преку монетарните мерки и политики полесно да се спроведат од банкарскиот сектор. Оваа мерка доаѓа по неколкугодишно одлагање и првата аукција на овие  благајнички записи, со каматна стапка од 4 отсто, каде што банките можат да запишат 43 милијарди денари или скоро 700 милиони евра, се изврши денеска.

„Токму затоа е оваа промена да дојдеме до еден попазарен и поефикасен инструмент, со кој што цениме дека монетарната политика и сигналната функција на основната каматна ставка, која што сега се сведува на овој основен инструмент, седумдневните благајнички записи, ќе биде поефикасна во иднина и таа трансмисија ќе биде поефикасна.“ , вели Трајко Славески.

Сепак, отворено е прашањето дали оваа мерка не значи релаксирање на монетарната политика, во услови кога инфлацијата е околу 4 отсто. Инаку, благајничките записи влијаат колку пари ќе завршат како кредити, односно ако расте каматата, банките парите ќе ги запишуваат како благајнички записи, а ако паѓа референтната каматна стапка парите ќе се пласираат како кредити. Ова би влијаело на кредитирањето и во зависност од парите во оптек, ќе се влијае на агрегатната побарувачка, која има големо влијание врз инфлацијата. Во моментов рефрентната каматна стапка за записите од 42/49 дена е 5,35 отсто и овие записи се лимитирани на 10 милијарди денари или 163 милиони евра. Со новата мерка каматата е 4 отсто и се носи кога растот на кредитирањето на годишно ниво е над 12 насто. 

Од Народната банка велат дека остануваат во оптек и сите досегашни инструменти кои влијаат на ликвидноста на банкарскиот сектор.