За министерката за образование Весна Јаневска големо недоразбирање е недостигот од околу 20.000 учебници во Тетово, кои учениците се принудени да ги фотокопираат. Според неа, училиштата на општина Тетово не ги презентирале дефицитите на книги до Министерството за образование, а додава дека самите училишта се виновни што ги поштедиле родителите на учениците кои ги оштетиле учебниците, а не платиле за тоа.
Според податоците на општина Тетово, оваа учебна година недостасуваат 18.200 учебници на албански јазик, 2.700 на македонски и 561 на турски јазик. Од општината признаваат дека училиштата не побарале отштета од родителите за оштетените книги, но додаваат дека е невозможно книга да се чува 5 години, како што предвидува законот, а да не биде оштетена.
Точно е дека управите на основните и средните училишта не побарале надомест од родителите за оштетените учебници, но нелогично е да не се оштетуваат книгите што се користат од пет генерации, како што предвидува сегашниот закон. Откако ќе се снабдиме со потребните учебници, раководителите на училиштата се обврзуваат да ги известат родителите кои мора да платат за секоја штета направена на книгите. Следната недела очекуваме средба со МАНУ за решавање на проблемот.
Инаку, со новиот предлог-закон кој е подготвен, издавачките куќи ќе можат да учествуваат со веќе подготвени учебници и ќе имаат обврска да ги печатат. Предложениот текст за новиот закон, кој го подготви Министерството за образование, е ставен во Електронскиот регистар на ЕНЕР, а како што рече Јаневска, јавноста ќе може да дава предлози во наредните 20 дена. Со негово усвојување ќе се замени актуелниот закон од 2008 година.
