Претходно се велеше дека на Попова Шапка инвеститор ќе биде Италијанец, но тој всушност е од Австрија.
„Првичните информации беа дека станува збор за италијански инвеститор, формално италијански инвеститор, од источен Тирол каде што живеат Австријци. Минатата недела имав средба со австрискиот амбасадор кој покажа интерес да го поддржи овој инвеститор бидејќи од информациите што ги добив од амбасадорот, овој инвеститор сака да влезе во Македонија преку бизнисот што го има во Австрија“, порача Биљал Касами.
Но, овие инвестиции се одамна ветени. Касами вели дека доцнењето настанало затоа што првичниот договор бил инвеститорот да вложи 50 милиони и, како што рече, нелогично е да се додели преку концесија доколку Владата треба да ја направи истата инвестиција.
„Првичните информации беа дека инвеститорот ќе инвестира до 50 милиони евра и ќе бара јавни инвестиции, но со иста сума, а нема јавно или правно оправдување да му дадеме толку важен простор на приватниот инвеститор да инвестира толку колку што државата заедно со општината се обврзани да инвестираат иста сума. Така што, австрискиот амбасадор гарантираше дека ќе помогне да се обезбедат средства од меѓународни институции и за јавните инвестиции што треба да се направат, не од локални или државни, туку од надворешни фондови, што ќе ја олесни можноста за постигнување договор со тоа што инвестицијата да не биде 50 милиони, туку тоа што го кажа инвеститорот, ќе оди над 150 милиони“, вели Биљал Касами.
Во скијачкиот центар Попова Шапка во моментов има 7 ски лифтови, од кои повеќето се стари од времето на комунизмот. Касами вели дека за инвестициите преговара и со инвеститори од Турција, Катар и Дубаи.
Инаку на 17 февруари, на денот на независноста на Косово, билетите за скијање за државјаните на Косово ќе бидат за 30% поевтини.
