Се уште не е поставена ниту една тула за социјалните станови во општина Сарај, иако се ветени од 2020 година. Рокот за почеток на работите е во мај годинава, односно уште 9 дена, а како што најави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се уште не е избран ниту изведувачот на работите.
Пред три месеци надлежните институции за ТВ21 изјавија дека изградбата на зградата со социјални станови во Сарај е пролонгирана поради појавата на зголемен обем на работа и поскапувањето на градежните материјали, што доведе до прекин на договорот со реализаторот на проектот со негова согласност. Директорот на А.Д. „Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката“,Зоран Ѓоргиев, вели дека се очекува да има намалување на цената на градежниот материјал и се очекува истиот тренд да продолжи.
По почетокот на работите, објектот се очекува да биде изграден во период од 18 месеци. Објектот ќе содржи 59 станови кои ќе бидат распределени на лица во социјален ризик и други ранливи категории. Инаку, пред неколку дена во скопски Бутел се промовираше завршувањето на работите на 312 станови за 312 семејства од ранливи социјални категории.
