„Не е точно дека полицајците земаат 26 илјади денари“ – Алими од НСП вели дека до оваа плата стигнуваат заедно со сите додатоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да не го земаа додатокот од 30% за ризик при работа, полицајците ќе имаа плата под просечната, вели Фљорим Алими, претседател на Независниот синдикат на полицијата за Полошкиот регион. Поради тоа, бараат усогласување на платата. Според Алими, полицајците не се платени колку што заслужуваат, бидејќи за да дојдат до месечна плата од 26 илјади денари, ќе треба да работат и за викенди, за празници, но и прекувремено. 

„Во последно време излегоа со податоци дека наводно платата на вработените во ова министерство е 25 или 26 илјади денари, но тоа не е вистина. Во тие 25-26 илјади се пресметани и додатоците, тоа не е плата, туку додатоци. Во разговор со Синдикатот велам дека и во било кој друг орган ако се ангажирате можете да стигнете и до 30 илјади, како на пример ноќна смена или неработен ден, како што е недела, некој празник, и тоа е нормално, но основната плата за вработените во полиција е под минималната“, истакна Флорим Алими.

Алими додава дека полициските службеници се соочуваат и со други проблеми како што се немање униформи и незавидни услови за работа. Ако еден полицаец месечно направи 300 дополнителни часа, му се надоместуваат само 32, а останатите ги зема како слободни денови и тоа само кога ќе му дозволат претпоставените.

„Не е така, бидејќи тие три илјади тој може да ги земе ако оди на работа, а да не знае кога оди, а кога се враќа. Ако според Законот за работни односи се предвидени 160 работни часа во месец, тој треба да направи 300 бидејќи се ангажира дополнително, доаѓа некоја делегација, има протести, фудбал… По сите овие ангажмани, повторно е ограничено до 32 часа, не можеме поинаку. Принудени сме да ги земаме како слободни денови“, додава Флорим Алими.

Од Синдикатот бараат и реформи во дисциплинските комисии, каде како што вели Алими, вработените честопати се нивни жртви. Во однос на тоа колку е ризична работата на полицајците покажуваат и податоците на МВР, каде само во 2021 година се отворени 172 кривични дела за напад врз полициски службеник, а 796 лица ги навредувале полицајците при вршење на нивната службена должност.