Не гледаат исто на пописот! Според Власта процесот е успешен, опозицијата со сомнежи и не го прифаќа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, бара Пописот на население да не се политизира бидејќи, како што вели, ја „подгрева“ состојбата меѓу етничките заедници. Додава дека резултатите се тие, дека се прифатени и поздравени од релевантните институции.

-Доколку отвораме спорови, Албанците ќе кажат дека уште 200-300 илјади не се попишани, Македонците исто така, Србите, Турците. И што ќе правиме потоа? Државата ќе ја претвориме во арена расправии кои не нѐ водат никаде. Би сакал да ги повикам сите политички чинители, да не го политизираат и да не ја „електризираат“ ситуацијата меѓу етничките заедници, вели Ахмети.


Опозициската Алијанса за Албанците, со сомнежи за резултатите. Зијадин Села, бара да се отстранат 132 илјади граѓани од вкупниот број население во Северна Македонија, кои се попишани од административни извори


-Ние треба да ги отстраниме и во Пописот да не ги броиме тие 132 илјади жители кои се попишани спротивно на законот, со цел барем донекаде да имаме прифатливи бројки за Пописот, вели Села.
Потпретседателот на Движење Беса, резултатите ги нарече политички пазар меѓу СДСМ и ДУИ.


-Прекинот на Пописот и пречките со кои се соочија граѓаните, особено оние од дијаспората при попишувањето го наруши кредибилитетот на Пописот како процес. Затоа, се сомневаме дека овој процес се претвори во политичко пазарење меѓу СДСМ и ДУИ, како и многу други прашања во минатото, вели Аријанит Хоџа од БЕСА.


И опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ги прифаќа бројките од операцијата.

-Пописот е некомплетен. И како таков не дава целосна слика за популацијата. ВМРО-ДПМНЕ со таа цел по преземањето на власта ќе спроведе електронски попис, кој ќе биде целосен. Пописот единствено што покажува е тоа дека се повеќе народ си заминува, а со лошите политики на власта тоа само ќе продолжи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од СДСМ уверуваат дека пописот е завршен успешно и додаваат дека не треба да се политизира.

Забелешки во однос на резултатите има и од партијата на Бошњаците и Турците.