Уставните измени ниту по доаѓање на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен идната недела нема да се случат. За ова е убеден шефот на македонската држава Стево Пендаровски, кој во вчерашното интервју за магазинот Клик плус на ТВ21 рече дека такво нешто не може да се очекува со оглед на тврдиот и непроменет став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да ги поддржат. Ваквата негова изјава сепак е многу поразлична од убедувањата на власта дека уставните измени ќе се случат.
Стево Пендаровски: Знаете која е разликата меѓу мене и тие не е битно чие име и презиме спомнувате тие што велат така, јас сум добро информиран реалист.
Новинар: И нема да се случат?
„За овој период за кој кажувате? Таман работа. Па нешто би се случило, некакво движење во парламентот. Тоа е, не може од небо да падне и да речат 8 – 9 луѓе промениле страна, а до сега сите со нотарски изјави тврдат – никако не би гласале за уставни промени. И не гледам индиција некаква ни полујавна која упатува на таква разврска“, вели Пендаровски.
Вчера и министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека се уште кај него има надеж дека ставот на опозицијата ќе се промени но и повторно рече дека со дел од пратениците имаат разговори да ги поддржат измените.
„Историјата ќе ги суди сите тие што оваа шанса ќе ја прокоцкаат заради еден повеќе пратенички мандат за нив или пак заради некој интерес на партијата. Преголемо е за такви калкулации. И третата траекторија се комуникациите кои што се разбира се случуваат во обид да се дојде до соодветно мнозинство за кое се разбира не можат да зборам јавно“, вели Бујар Османи.
Дека ќе има обезбедено двотретинско мнозинство постојано убедува и премиерот Ковачевски.
„На крајот нема да фалат пратеници за изгласување на уставните измени. Откако ќе бидат донесени уставните измени ние можеме да ги отвориме сите поглавја. Тоа ќе биде нов процес и импетус на држаата каде што ќе почнат реформи од сите аспекти“, вели Димитар Ковачевски.
За изјавите на опозицијата дека тие не ги прифаќаат уставните измени според бугарски диктат, Пендаровски вели дека тоа е навреда за другите земји членки на Европската унија.
„Да го наречеш францускиот предлог и на крајот формално-правно европската рамка за преговори бугарски диктат ги навредуваш сите. Прво Французите па сите останати. Значи со таа европска рамка која тие ја нарекуваат бугарски диктат се согласи и Франција како актуелен претседавач и Германија и Холандија, сите да не ги набројувам 27 земји членки сосе Бугарија“, порача Стево Пендаровски.
Неодамна претседателот Пендаровски рече дека со прашањето на уставните промени и продолжувањетео на евроинтеграцискиот процес треба да се остави да го решава идното парламеантарно мнозинство.
