„Не можат судиите да бидат виновни за се“ – Судски совет застана во одбрана на судијката Алексовска Стојановска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судскиот совет не најде прекршување на судијката Даниела Алексовска Стојановска во донесувањето пресуда со што наместо затворска казна му одредила мерка упатување во воспитно поправен дом на Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова, но овој пат во судски процес за поседување и продавање дрога.  За ова одлучуваше работна група на чие чело е Данка Илиева, која рече дека мерката која му била одредена на Јованов била според одредбите на Кривичниот законик и на Законот за правда на децата.

„Наводите за пристрасност при одлучувањето на судијата во однос на постоење на причини за изземање од член 33 од ЗКП оваа работна група смета дека испитаните околности не се од таков карактер да предизвикуваат сомневање во нејзината пристрасност и не се во рамките на предвидените причини за изземање“, вели Данка Илиева.

Во дебатата членовите на Судскиот совет излегоа со став дека тие требале да застанат во одбрана на судијката Алексовска Стојановска и дека не може судијата да биде виновен за се. 

„Ние како Судски совет мора да се согласиме дека не успеавме да го заштитиме интегритетот на овој судија а тоа е една од основните наши надлежности туку дозволивме едно такво обвинување, едно такво дискредитирање. Дали ова укажува дека не може целокупната вина секогаш да биде на судијата, на судовите“, вели Ивица Николовски.

Инаку по реакциите во јавноста Апелациониот суд ја преиначи казната за Јованов за поседување и продавање дрога и сега тој е правосилно осуден на 3 години и 10 месеци затвор. Тој веќе е во притвор и се чека обвинение против него откако ја прегази младата Фросина Кулакова возејќи пијан, без дозвола и поминувајќи на црвено светло со голема брзина.