Првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов, не ја отфрла можноста Скопје да биде ставено во карантин поради загадениот воздух. Сепак, како што вели, ако дојде до тоа, воздухот повторно ќе го дишеме. Според Шилегов, најважно е да се лоцираат главните загадувачи на воздухот.
Поради енормното аерозагадување во земјата, екологистот Африм Османи побара од властите да биде воведен карантин во сите градови во кои ПМ10 честичките ја надминуваат дозволената граница. Како што објаснува, бројот на смртните случаи како последица од загадувањето е двојно повисок од смртните случаи предизвикани од коронавирус.
„Анти-ковид мерки се носење маски, како што е случајот и со носење маска за аерозагадување. Потоа сообраќајот, кој е еден од клучните фактори за загадувањето. Треба да има рестрикции во сообраќајот и на крајот зошто да не се воведе и карантин на населението“, вели Африм Османи.
Според истражувањата, возилата се главна причина за аерозагадувањето, но црвените, жолтите и зелените еколошки налепници што треба да ги класифицираат возилата според степенот на испуштање гасови сè уште се вон функција. Шилегов вели дека законот е во Министерството за економија, но дека поради Ковид-19, не пристигнал во Собрание. Сепак, градоначалниците на 10 општини дојдоа со нивните автомобили за да го потпишат договорот за управување со воздухот. Формиран е и заеднички инспекторски тим и општински редари за спречување на аерозагадувањето.