Некогаш велеше дека прашањето за затвор е за некој друг, но сега екс шефот на тајните служби, Сашо Мијалков се наоѓа во Шутка зад решетки.
Таму ќе остане до правосилната одлука за предметот “Трезор“.
Пред два месеца судот го казни Мијалков и со 12 години затвор за незаконските прислушувања. Но пред судот да го каже завршниот збор, Мијалков исчезна на неколку дена, а полицијата не можеше да го најде на ниедно место каде што се сомневаше дека би можел да биде.
И додека за него беше пуштена меѓународна потерница, тој самиот се појави во Обвинителство за да ја земе одлуката за домашен притвор.
Мијалков речиси во сите предмети на поранешното СЈО, се обвинува за злоупотреба на работната позиција и земање подарок за противзаконско влијание. А за противзаконско влијание во 2019 Мијалков е казнет во предметот Титаник 2, со 3 години затвор. Според обвинението, Мијалков користејќи ја својата моќ и блиските односи со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, во 2013 се јавил кај Тачи и побарал, членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими да гласа за поништување на гласањето на гласачко место во Струмица иако за тоа немал основа. Но Апелација ја поништи казната враќајќи го предметот на повторно судење.
За Мијалков се води уште еден предмет во суд кој е без епилог. Предметот Тортура во кој Мијалков е обвинет за апсењето на Љубе Бошковски се уште е во процедура на презентирање докази. Од вкупно 26 предметите на поранешното СЈО, Мијалков е обвинет во 4. За 3 предмети има пресуди но тие се уште не се правосилни. Според двете последни пресуди, Мијалков ќе треба да помине 20 години во затвор.
