Не се предвидени нови даноци годинава – Бесими тврди дека ќе нема даноци за покривање на енергетската криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во оваа 2022 година не се предвидени нови даноци или даночни оптоварувања, уверува министерот за финансии Фатмир Бесими. Не е предвидено зголемување на даноците ниту за покривање на енергетската криза и такво нешто не се најавува ниту со Стратегијата за реформа во даночниот систем, тврди Бесими, но додава дека за секоја измена ќе има консултации со коморите а ќе бидат информирани 6 месеци пред да се воведат.

„Во однос на даноците сега во однос на Стратегијата нема ништо што можам да ви соопштам дека има промена на стапки и нови давачки или укинување. Стратегијата е во фаза на работење врз основа на целите што се поставени во Стратегијата. Нема зголемување на даноци во земјата за покривање на трошоците од енергетската криза. Веќе во Буџетот за 2022 година има предвидено средства за тоа“, истакна Фатмир Бесими.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска ги отфрли шпекулациите дека ќе се укине проектот Мој ДДВ со кој досега се вратени околу 3 милијарди денари кај граѓаните. Таа истакна дека она што УЈП ќе работи годинава е несоодветното богатење на некои граѓани.

„ММФ инсистира да се посветиме максимално во делот на утврдувањето на несоодветното богатење кај конкретни физички лица, во делот на поажурното присилно наплаќање на даночните приходи и секако сето тоа ќе биде заокружено со дигитализирање на процесите кои што можеби ќе одат со уште позабрзано темпо“, вели Сања Лукаревска.

Она што за годинава се знае е дека пред пратениците во Собрание се две нови давачки. Данокот на луксуз, кој предвидува да се плаќа три пати повисок данок за имотот кој не се користи. А во Собранието е заглавена и еколошката такса од 3.5 денари за горивата.