Не се систематизирани сите административци! – 140 службеници во МВР сè уште се во процес на ветинг

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Уште во јануари годинава првиот вицепремиер Артан Груби, рече дека систематизацијата на административците ќе заврши брзо, но иако поминаа повеќе од 7 и пол месеци, сѐ уште не се систематизирани сите административни службеници. 92% од предвидените согласно планот за распределба, веќе се на нивните работни места, вели Груби.

„92% од сите предвидени административци согласно Планот за распределба, веќе се распределени, вклучувајќи ги и оние кои беа спорни во Државниот пазарен инспекторат. Од минатата недела сите почнаа со работа. Во тек е процесот на последен трансфер на лица во Министерството за внатрешни работи, од кои 140 во моментов се дел од ветинг процесот во Агенцијата за национална безбедност“, посочи Артан Груби.

Груби вели дека немало поплаки од страна на административците во однос на нивното систематизирање.

„Колку што знам, до мене нема пристигнато никаква поплака. Имаше процедурални дилеми. На пример една група од Куманово која е префрлена во Даночната управа, беше сместена во Штип, но Штип не го покрива Куманово како регион. Стануваше збор само за техничко прашање за добивање документација“, додава Груби.

Процесот на распределба на државните службеници почна пред неколку месеци, откако во Собрание беше донесен закон за прераспределба на вработените согласно К5 Програмата. Од 1.349 административци кои земаа плата, а не одеа на работа, 1.180 го потпишаа решението за распределба, 135 воопшто не се појавија да го потпишат, додека 26 одбија да ги потпишат новите решенија за вработување.