Не се знае кога ќе се одблокираат 128 милиони евра од ИПАРД 3 програмата. Од Европската комисија не дале конкретни рокови до кога ќе се разгледа извештајот кој македонската влада го достави до Европската комисија околу корупцискиот скандал со директорот на Платежната агенција, Иле Стоилев со кој се суспендираа исплатите. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски во емисијата Бизнис 21 кажа дека на средбата во Брисел побарале извештајот да се стави на брза лента, но немаат конкретен одговор, туку само укажување дека ќе биде ставено.
„Разговаравме за доставениот извештај, за да се побрзо разгледа и истиот да биде практично разгледан во целост од нивната страна, од администрацијата и согласно тоа разгледување и евентуални забелешки доколку има, да се постапи со понатамошно продолжување со работата на Платежната агенција“, изјави Трипуновски и додаде:
„Немаме конкретен одговор, меѓутоа имаме укажување дека ќе биде ставено на брза лента разгледување на тој извештај. Се работи за обемни извештаи. Кога точно ќе се случи не можам да кажам, затоа што администрацијата во Брисел не работи со конкретни датуми“, рече министерот за земјоделство.
Трипуновски за апсењето на двајца директори од неговиот ресор кажа дека тоа е доказ дека нема заштитени лица од позиција на функционери. Кажа дека нема никого да штити, но и дека не чувствува одговорност.
Министерот тврди дека будно се следи состојбата со војната во Иран која покрај цените на нафтата ги зголеми светските цени на ѓубривата за 40 отсто, што може да ја поскапи и храната. Кажа дека во септември лани се поделиле над 46.000 картички за зелена нафта која земјоделците не ја користат во зимскиот период и сега може да им ги олесни трошоците.
„Сакам да кажам дека ова нафта која што ја имаат земено на своите картички, или имаат можеби залихи направено во текот на зимата или можеби ги користат сега кое што е некаква помош во делот на олеснување на овие трошоци. Еве ви кажав во делот на нафтата што направивме мислам дека имаме најевтини деривати во регионот“, рече Трипуновски.
ТВ21: Добро меѓутоа загрозена е и храната, овие вештачки ѓубрива и се им се потребни на земјоделците, дали тука ќе имаме некаква дополнителна мерка на реакција?
Трипуновски: Будно ја следиме состојбата и ќе реагираме доколку има потреба.
Иако дел од земјоделците реагираа дека им се должат околу 100 милиони евра за субвенции, меѓу кои и за 2024 година, Трипуновски уверува дека субвенциите се исплатуваат редовно.
