Швајцарија ја тргна Северна Македонија од листата за карантин. Ова подразбира дека не важи веќе мерката за карантин за граѓаните кои одат или се враќаат од Швајцарија, но ова не значи дека секој може да патува во Швајцарија, бидејќи станува збор само за државјани на Швајцарија или итни случаи.
„Генералната забрана за влез на македонски државјани е сѐ уште на сила, освен во исклучителни случаи кои се наведени на интернет страницата на Државниот секретаријат за миграција (резиденти со важечка дозвола за престој и други) или кога лицето што патува може да докаже дека се работи за случај на крајна неопходност како што е исто така специфицирано на интернет страницата на Државниот секретаријат за миграција. Одлуката дали се работи за случај на крајна неопходност е одговорност на надлежните швајцарски власти.“, велат од швајцарската амбасада.
Пред два дена Швајцарија ги засили мерките за спречување на ширењето на Ковид-19. Од денеска се затвораат дискотеките, наставата на универзитетите од почетокот на ноември како и нови ограничувања за спортски настани и патувања. Владата во Берн соопшти дека старите и новите мерки ќе важат на неодредено време.
Рекордниот број на заразени со корона вирус е причина и другите држави да преземат засилени мерки.
Германија ќе воведе “делумна блокада“. Канцеларката Ангела Меркел изјави дека доколку состојбата не се стабилизира, здравствениот систем во Германија за неколку недели ќе го достигне својот лимит. Новите ограничувања ќе стапат на сила од 2 ноември и ќе траат најмалку 4 недели. Кафулињата и рестораните ќе се затворат, освен пратките. Хотелите нема да примаат туристи. Културните објекти и слободни активности исто така ќе се затворат за најмалку 4 недели.
Во Франција новите мерки за карантин од денеска стапуваат на сила и ќе траат до 1 ноември, границите на Франција ќе се затворат за сите земји кои не се членки на ЕУ. Премиерот Жан Кастекс објаснувајќи ги новите мерки истакна дека граѓаните ќе можат да излегуваат од своите домови само за да купат храна, за на работа или од здравствени причини како и итни семејни случаи.
Земји како Белгија, Ирска и Велс поставија целосен карантин, вонредна состојба е прогласена во Шпанија и Италија а во Чешка е воведен полициски час.
Од понеделникот Италија воведе рестриктивни мерки, затворени се рестораните, баровите и слаткарниците по 18 часот. На маса ќе можат да седат најмногу по 4 лица, под услов сите да живеат заедно. Исто така се очекува затворање на теретаните, базените и спортските сали. Предлог новата уредба содржи и затворање на трговските центри преку викенд како и затворање на кината и театрите.
Во Словенија новите мерки вклучуваат и забрана за движење меѓу општините. За разлика од другите земји, Шведска не воведе строги мерки против корона вирусот иако се регистрирани рекордни бројки на заразени.
