Не сите наставници сакаат да се вакцинираат – МОН работи на неколку сценарија за почеток на учебната година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од вкупно 30 илјади наставници и професори, околу 10 илјади се вакцинирани против Ковид 19, меѓутоа не сите наставници сакаат да се вакцинираат, а тоа го тврди и претседателот на Синдикатот за образование и наука, Јаким Неделков. Тој истакнува дека вакцинацијата не е и не смее да биде услов за почеток на учебната година.

МОН тврди дека во моментов работи на неколку варијанти за тоа како од септември училиштата да работат непречено и во услови на пандемија.

„Образовниот систем сериозно се подготвува за престојната учебна година со неколку сценарија за непречено одвивање на наставата во услови на пандемија, за што јавноста ќе биде навремено информирана откако ќе се донесе одлуката“, велат од МОН.

Министерот Филипче вели дека сега се вакцинирани само наставниците кои работеа со децата со физичко присуство, а сега, сите наставници кои сакаат да се вакцинираат се на приоритетната листа.

И Синдикатот за образование оценува дека МЗ треба да ги стави на приоритетна листа сите наставници кои сакаат да се вакцинираат, со цел во текот на летото сите да се вакцинираат и учебната година да започне во училиштата.