Не стивнуваат реакциите во јавноста за одлуката на претседателката Гордана Силјановска Давкова за помилување на лица кои имаат сторено потешки криминални дела меѓу кои и лице од криминалната нарко група Барон. Сепак владините партнери од ВРЕДИ умерени. Биљал Касами вели дека доколку се покаже дека лицата кои се помилувани имаат тешки кривични дела претседателката ќе преземе мерки.
„Деликатна ситуација е за јас сега да дадам некој став. Јас сум очекувал не само Претседателката, но и Комисијата за помилување да бидат посериозни во нивната работа и да пристапат посериозно на оваа прашање во насока да се помилуваат тие што навистина ја заслужуваат помилувањето и не како овој случај кој може да биде и непристоен за самата одлука во рамки на Претседателот но тука јас би го апострофирал Комисијата за помилување.“, рече Касами.
Министерот за здравство Арбен Таравари пак вели дека нема информации за тоа кој е помилуван.
„Јас не ги знам имињата кои се помилувани, немам информации, има Комисија во рамки на Претседателот и ова е ексклузивно право на Претседателката, не можеме ние да и се мешаме на некој што е избран од граѓаните.“, изјави Таравари.
Со жестоки критики и денеска излегоа од СДСМ. Велат дека е срамно претседателката да кажува дека не знаела за кои лица станува збор а притоа да ја префрла вината на Комисијата за помилување. Срамно е, велат од опозициската партија, криминалци јавно да и се заблагодаруваат.
„Силјановска нема срам што криминалците ѝ се заблагодаруваат јавно, затоа што ова е само исплата на долгови што власта ги има кон нив. Со злоупотреба на функцијата на претседателката, оваа влада на ДПМНЕ ги става интересите на криминалците пред интересите на граѓаните.Македонија се претвора во опасна држава, каде криминалците се ослободуваат без одговорност, каде правната држава е уништена и безбедноста на граѓаните е загрозена.“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Вчера претседателката Силјановска во изјава за ТВ21 рече дека таа се водела од делата што биле направени, но не и од лицата кои тоа го направиле. За тоа ја префрли одговорноста кон Комисијата велејќи дека одлуката за тоа кој ќе биде помилуван ја носи ова тело.
