Дали истражувачката сторија „Нечиста крв“ поврзана со работата на приватната клиника Жан Митрев ќе покрене расправа и во Собранието? Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски и на СДСМ Мартин Костовски во денешното летно издание на Клик 21 излегоа со идентичен став дека за овој случај треба да расправа парламентот.
„Ние веќе размислувавме од вчерашниот ден, чекавме да видиме какви ќе бидат официјалните ставови на Министерството за здравство, како орган кој што е надлежен за овој делокруг на работењето. Размислуваме и ги проверуваме опциите за да поднесеме одредена иницијатива до Собранието за организирање на надзорна расправа, тоа е едно ниво над јавна расправа заради тоа што сметаме дека министерот мора да биде присутен, дека треба и сопственикот на клиниката да дојде и да дојдат сите релевантни чинители, зошто не и Обвинителството и да одговори зошто, доколку имале поднесоци од страна на граѓани дека таму се случувале активности кои што не се законски и не се етички на крајот од денот, не реагирале“, посочи Бојан Стојаноски.
И од СДСМ најавуваат дека ќе инсистираат да се организира расправа, но велат дека во никој случај не смее да се дозволи да се политизира овој случај.
„За таква една расправа ќе бидеме вклучени, секако дека правната држава, системот на субординација, координација во општеството мора да проработи. Колку што можевме да видиме во самите медиуми дека веќе е оформен предмет од страна на Јавното обвинителство и ги повикуваме и како пратеници да ја вршат својата работа на еден најдостоинствен и професионален начин. Меѓутоа во ниту еден случај не треба да се политизира оваа работа бидејќи се работи за многу сензитивна тема, изгубен човечки живот и затоа мора да профункционира системот, Јавното обвинителство а ние како пратеници ќе бидеме додадена вредност во целата оваа тематика“, вели Мартин Костовски.
По првиот документарец „Нечиста крв“ која предизвика силни реакции во јавноста, од ИРЛ објавија ново продолжение во кое се емитува сведоштво на жена за лекувањето на нејзиниот сопруг во клиниката Жан Митрев.
