Недела како неработен ден? – Надлежните кристализираат кој ќе работи а за кого недела ќе биде неработна

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Недела како неработен ден, но не и за трговците на мало. По последните најави од надлежните, малите дуќани најверојатно ќе останат да работат и во недела. Измени ќе претрпи трговијата на големо, каде по првичните информации од министерството за економија ќе има нови предлози. Надлежните немаат многу време. Треба да кристализираат во кои општествени дејности недела ќе биде неработен ден. Од министерството за економија потенцираа дека веќе е направена  анализа во секторите трговија, занаетчиство, туризам и угостителство

„Анализиравме како тоа ќе се одрази на Законот за трговија и тоа значи дека кај трговијата на мало нема да има промени и тие ќе работат в недела, додека кај трговијата на големо ќе има промени за кои дополнително ќе отвориме дебата со коморите. Под трговија на големо се мисли на големите супермаркети и магацини. За нив има неколку опции кои Министерството за економија ќе ги испрати до Влада“, велат од Министерството за економија.

Што се однесува до угостителите и туристичките компании таму не треба да се прават никакви законски измени и тие најверојатно ќе продолжат да работат и во недела, велат надлежните. Од стопанската комора на северозападна Македонија велат  дека тие веќе разговарале за нивните барања со надлежните министерства во Владата.

„Да се почитуваат некои правила каде што дел од бизнисите кои што оперираат за викенди да можат да си ја вршат дејноста. Меѓутоа треба да се запази и делот на сите вработени за да имаат еден ден одмор во тек на неделата и тоа да се почитува. Но истакнавме и да не се брза со ова прашање“, посочи Неби Хоџа.

Дали недела ќе биде неработен ден останува нејасно и за лицата  кои работат во јавниот превоз и медиумите. Инаку денот  недела да се прогласи за неработен  е сосема нелогичен и неприфатлив за угостителскиот сектор. Од таму реагираат дека токму недела е денот кога луѓето најмногу посетуваат угостителски објекти.