Недостиг на професионалци на пазарот на труд, дуалното образование и новиот закон за високо образование треба да го пополнат јазот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Постои недостиг од стручен кадар на пазарот на труд и недостиг од млади кои ќе ја преземат бизнис-заедницата, посочува министерката за образование и наука Весна Јаневска, според која со новиот Закон за високо образование младите ќе бидат подобро подготвени за пазарот на труд. Таа истакна дека дуалното образование е најуспешниот образовен модел во земјата.

„Она што се случува за првпат во оваа држава преку новиот Закон за високо образование е воведување на професионални студии со 180 кредити. Мастер студии од тие професионални студии и докторски студии од тие професионални студии. Нешто што веруваме дека многу ќе ѝ помогне на бизнис-заедницата, бидејќи претпоставувам дека имате потреба од такви професионалци и затоа што тие ќе работат во вашите компании, ќе можат да напредуваат“, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, нагласи дека успеале да ја воспостават потребната поврзаност меѓу бизнисите и кадарот кој може да се вклучи во процесот на производство и образование.

„Направивме нешто што знаевме дека можеме да го направиме, го објавивме како што треба, министерството го прифати, особено министерката, која со нејзиното доаѓање даде силна поддршка на тие процеси и дојдовме во ситуација да разговараме за конкретни проекти, реализации и слично преку системот на дуално образование“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Инаку, според Министерството за образование, вкупниот број ученици во средното образование во учебната 2025/2026 година изнесува 65.858, од кои 43.187 се во стручно образование, односно приближно 70% од учениците се запишани во стручно образование. Од бројот на ученици запишани во стручно образование, 13.371 се запишани во дуално образование, или приближно 30% од вкупниот број ученици запишани во стручно образование.