Недостиг од судии во Кичево – има само 7 и секој од нив има по 500-600 предмети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од ден на ден работата на кичевскиот суд станува се потешка, поради малиот број судии.
Проблемот со недостигот на судии почна од 2020 година, вели претседателката на судот во Кичево, Амдије Зенку.
Од вкупно 17, овој суд сега функционира со 7 судии, меѓу кои и претседателот на судот.

-Во моментов имам 7 судии, а од 7 ноември имам судија делегиран од гостиварскиот суд за период од 6 месеци. Годинава, на 31 декември, еден од овие судии ќе се пензионира, додека во првите 6 месеци од наредната година ќе се пензионираат уште двајца судии, и остануваме тројца судии и јас-вели Амдије Зенку.

Ваквата состојба значително ја отежна работата на судот, бидејќи бројот на предмети е голем, што буди и гнев кај граѓаните за нерешавањето на предметите навреме.
Претседателката на судот вели дека испратила барања за пополнување на бројот на судии.

-Испративме барања до Судскиот совет и секој месец испраќаме извештаи. Се зголемува бројот на предмети во судот во Кичево, а секој судија има над 500-600 предмети во постапка“.

Потсетуваме дека во Кичево нема кадар кој би ги заменил и пополнил испразнетите места на судиите и на оние кои заминуваат во пензија. Тоа значи дека од следната година, доколку не се делегираат судии од другите градови, работата на судот и решавањето на предметите во овој суд ќе бидат отежнати уште повеќе.