Жителите на Коњаре ги сопреа багерите.
Компанијата Прогрес утрово почна со ископ на плодна почва, но жителите се собраа за да ги спречат. Компанијата копала на многу места во ова село каде веќе се создадени и дупки.
„Се приближија до нашите домови. Немаме каде да одиме. Да се потпреме на ѕид. Но, изгледа ќе биде и полошо. Што значи тоа? Значи дека народот е нервозен и можат некого да уништат. Не можеме да излеземе на крај со вакви проблеми“, истакна жител.
Жителите се загрижени за фактот што се копа во близина на нивните куќи и постои опасност да останат и без вода за пиење.
„Ако се продолжи со вакво копање од 3 до 5 години ќе останеме без питка вода. Тринаесет години институциите не го решаваат овој проблем и оставени сме по се изгледа самите да им помогнеме на институциите преку вакви протести да ги наведат грешките на концесионерот и на работите на концесионерот“, додава жител.
Жителите пред неколку дена го блокираа автопатот Миладиновци – Штип, за што завршија во полициска станица. Според нив, тоа е притисок за да замолчат.
„Повторно ќе не испратат во полиција, ќе не казнат и нека не затворат бидејќи ние од овде не се повлекуваме. Дојде веќе нож до коска. Немаме каде да одиме. Ги молиме институциите нека преземат мерки да не стане полошо. Тие мислат дека се плашиме“, вели жител.
Инаку пред еден месец министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа, и Инспекторатот за земјоделство извршија вонредна инспекција каде констатираа дека почвата не се обработува за земјоделски цели туку се користи за копање и експлоатација на песок. Затоа Инспекторатот изготви нов елаборат од геодетска компанија кој ќе утврди каде може да се врши експлоатација на песок.
