Вака сега изгледа фонтаната на плоштад Македонија која порано беше атракција за децата и возрасните. Во тој дел каде порано течеше водата, сега поминуваат граѓани по плочките, иако е означено дека не е безбедно.
„Фонтаната кај плоштад Македонија е надвор од функција а претставува опасност и за граѓаните и туристите кои поминуваат овде бидејќи плочките не се добро поставени и се мрдаат.“, вели репортерката на ТВ21 Алмедина Исмајли.
Некогашната убава фонтана со светла, за граѓаните сега е грда и го расипува шармот на плоштадот.
„Не е убаво, ние би сакале да ја видиме, посебно децата, има повеќе карактеристики на плоштадот“, велат граѓани.
Од Град Скопје не одговорија на прашањата на ТВ21 за тоа кога ќе се санира фонтаната. Фонтаната меѓу Камениот мост и споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“ беше пуштена во употреба во јуни 2015 година, кога со Скопје управуваше Коце Трајановски. Таа беше дел од проектот за реконструкција на плоштадот, која чинеше 2,5 милиони евра. Веќе пет години е надвор од функција, исто е случајот со фонтаните во реката Вардар кај камениот мост.
