Од 1 октомври, недела ќе биде неработен ден, но не за сите. Министерот за економија, Крешник Бектеши објасни кој ќе работи, а кој не.
„В недела ќе може да работат специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност. Ќе можат да работат и продавниците на бензинските станици и продавници во трговијата на мало за храна, пијалаци и тутун. Продавници, киосците и штандовите во трговските центри. Важно е да се нагласи дека истите ќе можат да работат само од 10 до 18 часот“, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска рече дека законските измени се донесени во соработка со синдикатите, претставниците на работниците и работодавците. Спроведувањето на овој закон ќе биде следено од Државниот инспекторат за труд.
Како што велат од Владата прогласувањето на недела за неработен ден ќе помогне во унапредување на работничките права, а од друга страна работниците да бидат поефикасни и помотивирани. Наскоро законските измени ќе бидат испратат во Собрание на усвојување.
