Законот за правична застапеност за кој што од коалицијата ВРЕДИ уште минатата недела тврдеа дека е изготвен и дека ќе се најде на јавна расправа, засега се уште не е целосно готов. Пратеникот од редовите на оваа владина коалиција Ријад Шаќири во емисијата Дејли клик на ТВ21, вели дека имаат драфт верзија и дека преку овој закон институциите каде нема вработено Албанци ќе бидат должни тоа да го сторат, бидејќи во спротивно тоа ќе се контролира од страна на државата. За да нема злоупотреби вели дека секој еден ќе треба да достави извод од матична книга на родени, иако овој документ не предвидува изјавување на етничка припадност.
„Ние со законот за правична застапеност ќе ставиме како главен постулат да се земе предвид изводот на родените на лицето каде се изјаснува етничката припадност на тоа лице кое што аплицира за одредено работно место и таму не може да се смени ништо бидејќи денеска изјавите во нотар можат да се прават за секаква форма и после немаат вредност а преку изводот каде граѓанинот ја изјавува етничката припадност тоа е решение што ја елиминира таа фаза“, вели Ријад Шаќири.
Но, премиерот Христијан Мицкоски вели дека законот се уште не е готов, а кога ќе се финализира ќе се даде на Венецијанската комисија, а потоа и на јавна дебата. Законот мора да биде уставен и да се базира на двата принципа, на Бадентер и правото на работа, рече тој.
„Кога ќе биде готов тој предлог закон кој што го работиме, имаме ние во рамките на коалицијата демократски механизам, ќе го завршиме, ќе го изготвиме, ќе го пратиме до Венецијанската комисија, ќе го дадеме на увид во јавноста, ќе има јавна дебата, ќе донесеме закон кој што ќе биде уставен и кој што навистина ќе значи правична застапеност и по полови и по етничка припадност“, порача Христијан Мицкоски.
За овој закон вчера претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека тој се носи на еден нетранспарентен начин и смета дека во неговата изработка треба да има поголема вклученост од партиите.
„Од ВЛЕН најавуваат дека се работи некој закон, а министерот за правда за тоа вели дека не е информиран. Така што ова е многу чувствително поле кое што бара широки консултации, вклучување на експертската јавност, кое што ние апсолутно ќе се вклучиме и ќе дадеме свој придонес, но тоа што не смееме да дозволиме ваков еден закон да се прави во некој партиски штаб на ВЛЕН“, вели Венко Филипче.
ДУИ пак со став дека тие се отворени се дебата иако сметаат дека укинувањето на Балансерот се прави штета на правичната застапеност.
„Мислам со оваа последна одлука на Уставниот суд, не се оштети само Балансерот како начин за да се реши правичната застапеност, туку се оштетил процесот како целина, се оштети суштината на тој процес. И покрај одредени изјави, и покрај најавите за дебата, ќе видиме каков закон ќе предложат и секако дека сме отворени за дискусија и за да видиме што содржи тоа решение или тој предлог-закон“, вели Фатон Ахмети.
Минатата недела министерот за јавна администрација Горан Минчев од ЗНАМ рече дека не треба да се брза со новото законско решение за замена на балансерот, туку прво да се отвори широка расправа за да не дојде до ситуација Уставниот суд да го поништи и тоа.
